Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави нови санкции против Русија по ноќешниот ракетен и напад со дронови врз Киев, при што беше оштетено седиштето на Делегацијата на ЕУ во украинскиот главен град.
„Синоќешниот напад покажува дека Кремљ нема да запре пред ништо за да ја тероризира Украина, неселективно убивајќи цивили – мажи, жени и деца, па дури и гаѓајќи ја Европската Унија“, изјави фон дер Лајен. Таа додаде дека две ракети паднале на само 50 метри од зградата на Делегацијата на ЕУ, но дека нема повредени меѓу персоналот.
Претседателката истакна дека ЕУ ќе продолжи со максимален притисок врз Русија, најавувајќи 19-ти пакет строги санкции. Паралелно, се работи на замрзнување на руските средства за поддршка на одбраната и обновата на Украина.
Фон дер Лајен исто така најави повеќедневна турнеја низ седум земји-членки – Летонија, Финска, Естонија, Полска, Литванија, Бугарија и Романија – со цел зајакнување и заштита на надворешните граници на ЕУ и промовирање на развојот на заедничка одбранбена индустрија преку инструментот SAFE.