Сериозен бран незадоволство ја зафати Грција, каде што различни сектори започнаа штрајкови и протести кои сè повеќе се шират низ земјата.
На островот Лезбос, сопствениците на бензински пумпи ги затворија своите објекти на неодредено време, протестирајќи против владините ограничувања на профитната маржа. Тие предупредуваат дека со сегашните мерки не можат да ги покријат трошоците и дека многу бизниси се пред затворање.
Слично незадоволство расте и во Атина, каде што таксистите излегоа на улиците. Причината е нов закон за транспорт за кој тврдат дека директно ја загрозува нивната работа. Синдикатите најавуваат дека протестите може дополнително да се интензивираат, особено во пресрет на парламентарното гласање.
Во меѓувреме, сточарите исто така го кренаа гласот. Тие реагираат на строгите мерки поврзани со шап и лигавка, кои доведоа до забрани за движење и продажба на добиток. Дополнителен проблем е вишокот на млеко што не може да се пласира, што создава сериозни финансиски загуби.
Ситуацијата дополнително се влошува со растот на цените на горивата, кои на некои места веќе ја надминуваат границата од 2 евра за литар.
Со протести што доаѓаат од повеќе страни истовремено, земјата се соочува со комплексна криза што може да има пошироки економски последици доколку не се најде брзо решение.


















