Во голем пожар што избувна северно од Лимасол, Кипар, две лица го загубија животот, веројатно обидувајќи се да избегаат од пламенот, додека повеќе од десет повредени лица се хоспитализирани, а стотици жители од над десет населени места беа евакуирани, јави дописничката на МИА од Атина.
Кипарските медиуми известуваат дека при гаснењето на пожарот, доцна синоќа во едно возило беа пронајдени две јагленосани тела.
Портпаролот на Противпожарната служба на Кипар, Андреас Кетис, изјави за новинската агенција ЦНА дека утрово се појавиле нови жаришта на пожарот, но во моментов нема активен фронт. Тој додаде дека во гаснењето се вклучени десет воздушни средства, а бројот ќе се зголеми на 13, од кои едно ќе има улога на координативно.
„Досега, пожарот опфати површина од околу 100 квадратни километри“, истакна Кетис.
Кипар ја активираше Европската механизам за цивилна заштита и побара помош од други земји. Владиниот портпарол Константинос Летибиотис изјави дека Шпанија ќе испрати девет воздушни средства.
Министерот за правда на Кипар, Мариос Харциотис, рече за државното радио дека Јордан ќе испрати два хеликоптери, но Грција ја одбила кипарската молба за помош поради сопствените активни пожари.
За време на ноќта беа евакуирани стотици жители од околните села, а денеска дел од населените места останаа без вода и електрична енергија.
Исто така, на Кипар не функционира системот за итни предупредувања број 112, кој се користи за испраќање пораки за евакуација, како што е случај во соседна Грција.