Европа внимателно ја следи појавата на екстремно силен метеоролошки систем познат како „циклонска бомба“, кој се формираше над Северниот Атлантик по нарушувањето на поларниот вртлог.
Раздвојувањето на поларниот вртлог овозможи продор на исклучително студен арктички воздух од Канада кон Атлантикот, што доведе до експлозивно зајакнување на циклонот во близина на Њуфаундленд. Според метеоролошкиот портал Severe Weather, централниот притисок на системот паднал на околу 930 милибари – вредност карактеристична за најмоќните бури.
Што значи „циклонска бомба“?
Станува збор за редок и опасен феномен, познат како бомбагенеза, при кој атмосферскиот притисок опаѓа исклучително брзо за многу кратко време. Во овој случај, падот на притисокот е толку интензивен што ги надминува стандардните критериуми дури двапати.
Каде ќе има најсилно влијание?
Циклонот ќе го достигне својот максимум јужно од Гренланд, со ветрови со јачина на ураган и силни бури над отворениот Атлантик. Иако системот се движи кон Европа, прогнозите покажуваат дека најекстремните ефекти ќе останат западно од континентот.
Ирска и Велика Британија под ризик
Најизразени последици се очекуваат во Ирска и Обединетото Кралство, каде се најавуваат пообилни врнежи од дожд и силни ветрови. Остатокот од Европа ќе биде под влијание на стабилен антициклон, што ќе донесе потопло и мирно време, но со можна температурна инверзија во пониските слоеви.
Засега – без паника, но со внимание
Иако циклонот е еден од најмоќните оваа сезона, метеоролозите уверуваат дека директен удар врз континентална Европа не се очекува. Сепак, состојбата се следи внимателно поради нестабилноста на ваквите екстремни атмосферски појави.
















