Двадесет американски сојузни држави, предводени од Калифорнија, поднесоа тужба до федерален суд во Бостон со цел да се блокира воведувањето надомест од 100.000 долари за H-1B работни визи, што го наметна американскиот претседател Доналд Трамп. Ова е третата тужба по ред со која се оспорува мерката најавена во септември, која значително го зголемува трошокот за добивање на овие визи. Во моментов, работодавачите плаќаат меѓу 2.000 и 5.000 долари по вработен за H-1B виза.
Од канцеларијата на државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, истакнуваат дека Трамп нема законски овластувања за воведување ваков надомест, кој е спротивен на федералниот закон, што дозволува наплата само на трошоци неопходни за администрирање на визите.
H-1B програмата им овозможува на американските компании да вработуваат странски работници во специјализирани области, при што технолошката индустрија, особено во Калифорнија, се потпира на овие визи. Бонта предупредува дека надоместот од 100.000 долари би создал дополнителен финансиски товар за секторите како образование и здравство и би го влошил недостигот од квалификувана работна сила.
Покрај Калифорнија, на тужбата се приклучија и државите Њујорк, Масачусетс, Илиноис, Њу Џерси и Вашингтон. Од Белата куќа, пак, велат дека мерката е законска и дека има за цел да спречи злоупотреби на H-1B програмата.
















