Маж од Калифорнија е обвинет за убиство на својата згрижувачка мајка, 65-годишната Надин Џет. Според обвинението, Седрик фон Фердинанд (34) наводно ја отрул со фентанил, го сокрил нејзиното тело и ги довел во заблуда членовите на семејството, тврдејќи дека таа починала во Мексико и дека била кремирана.
Случајот добил нов тек откако обдукцијата покажала висока концентрација на фентанил во организмот на жената. Судскиот медицински вештак заклучил дека таа починала од акутно труење со оваа супстанција, а смртта била класифицирана како убиство.
Надин била на хемотерапија поради рак на панкреасот кога исчезнала во јануари 2024 година. Фон Фердинанд, кој бил нејзин згрижувачки син и негувател, наводно им кажал на другите згрижувачки деца дека таа починала во Мексико од последиците на болеста и дека нејзиното тело било кремирано.
По нејзиното исчезнување, наводно почнал да располага со нејзиниот имот

Според обвинението, кратко време по наводната смрт на Надин, Фон Фердинанд добил полномошно за управување со нејзините работи. Документите, според истражителите, содржеле потпис и иницијали што ѝ се припишувале на жената.
Потоа, како што се сомнева, од нејзините банкарски сметки повлекол илјадници долари и префрлил две недвижности на свое име. Обвинет е и дека со парите на починатата згрижувачка мајка купил уште еден имот во округот Лос Анџелес.
Истражителите се сомневаат дека планот за присвојување на имотот вклучувал и обид за склучување брак со Надин. Наводно, тој ангажирал жена по име Ким Фајфер, која требало да се претставува како Надин.
Во домот на Фон Фердинанд била пронајдена фалсификувана и заверена дозвола за склучување брак, со датум од 18 мај 2024 година.
„Ова е случај на смртоносна алчност“, изјавила Самер Стефан, обвинителка од округот Сан Диего.
Згрижувачките ќерки се посомневале и пријавиле исчезнување
Другите згрижувачки ќерки на Надин, четворките од семејството Лучи, почнале да се сомневаат во приказната на Фон Фердинанд. Во јуни 2024 година го пријавиле исчезнувањето на жената.
Според изјавата на истражител од Канцеларијата на окружниот обвинител во Сан Диего, една од сестрите се обидувала да ја посети Надин пред нејзиното исчезнување. Но, Фон Фердинанд наводно постојано наоѓал нови изговори за да ги спречи да дојдат.
Обвинителството го товари 34-годишниот маж за убиство, а случајот опфаќа и сомнежи за измама и незаконско присвојување имот. Наводите против него се предмет на судска постапка.







