Заштитната структура на напуштената нуклеарна електрана Чернобил, која има задача да го спречува ширењето на радиоактивниот материјал, повеќе не може целосно да ја извршува својата безбедносна функција поради штета предизвикана од напад со дрон на почетокот на годината, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Инспекцијата што МААЕ ја спроведе минатата недела покажа дека нападот во февруари предизвикал пропаѓање на конструкцијата. Според агенцијата, структурата ги загубила „примарните заштитни функции“, вклучувајќи го и задржувањето на радиоактивниот материјал, но носечката конструкција и контролните системи не претрпеле трајна штета.
Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, истакна дека се извршени привремени поправки на покривот, но дека за да се обезбеди долгорочна нуклеарна безбедност е неопходна целосна обнова на заштитната структура. МААЕ препорачува дополнителни мерки за обновување и заштита, како и ажурирање на системите за следење на влага, корозија и други надзорни програми.
На 14 февруари, дрон ја проби надворешната обвивка на заштитната структура и предизвика пожар. Украинските власти го обвинија Русија за нападот, додека Москва го демантираше тоа. Сепак, радијацијата останала на нормално и стабилно ниво, без извештаи за истекување, соопштија ОН.
Заштитната структура беше поставена во 2019 година околу реакторот број 4, кој експлодираше во нуклеарната катастрофа во 1986 година, со цел да се спречи понатамошно истекување на радијација. Советските инженери прво поставиле саркофаг, кој подоцна бил заменет со нова заштитна конструкција. Останатите три реактори постепено биле исклучени, а последниот престанал со работа во 2000 година.
Руските сили кратко ја окупираа нуклеарната електрана на почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година. МААЕ има постојан тим експерти во Чернобил и ќе продолжи да работи на повторно воспоставување целосна нуклеарна безбедност.
Истовремено со инспекцијата на Чернобил, МААЕ спроведе и истражување на штетата на електричните трафостаници низ Украина.

















