Како држава и како Министерство ќе се залагаме да има што е можно повеќе вакви настани во Македонија, затоа што ова не е само спорт, туку и размена на култури и промоција на државата, истакна министерот за спорт, Борко Ристовски на денешната прес-конференција во Ракометната федерација на Македонија, организирана во пресрет на Светското училишно првенство во ракомет ИСФ Скопје 2026, што ќе се одржи од 20 до 29 април.

Овој голем спортски настан го организира Федерацијата на училишен спорт на Македонија во соработка со РФМ, а под покровителство на Министерството за спорт.
Министерот Ристовски изрази уверување дека Македонија ќе биде добар домаќин и достојно ќе се презентира пред гостите од целиот свет.

- Ние како држава и како Министерство за спорт заедно и во соработка и со Федерацијата за училишен спорт и со Ракометната федерација на Македонија покажавме дека ќе се залагаме вакви настани да бидат што повеќе присутни во Македонија, затоа што ова не е само спорт, туку и размена на култури и промоција на државата. Поентата на прифаќањето на организацијата на вакви настани е токму тоа. Другиот аспект е да им овозможиме на сите деца кои се занимаваат со ракомет, да се презентираат, да ги покажат своите вештини пред поширока аудиториум. Ја добивме оваа организација на Светското првенство по долги преговори, успеавме да бидеме домаќини и се надеваме дека во иднина ќе бидеме домаќини и на други спортски настани од училишниот спорт. Сигурен сум дека и Ракометната федерација на Македонија и Федерацијата за училишен спорт и ние како министерство и како држава, сите работи ги имаме преземено и дека ќе го дочекаме овој настан подготвени да ја претставиме државата на највисоко можно ниво, истакна Ристовски.
Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска ја истакна важноста на овој масовен спортски настан.
- Во пресрет сме на долгоочекуваното Светско првенство кое ќе се организира во Скопје. На отворањето на 21 април најавуваме дефиле. Ова е во интерес на град Скопје, размена на култури и вредности, сите ќе си заминат со нови пријателства. Благодарност до министерот за спорт Борко Ристовски за безрезервната поддршка, до РФМ за техничката поддршка за да ракометарите и ракометарките блеснат во најдобро светло. Би сакала да освоиме медал. Благодарност и до претседателот на ИФС Жељко Танасковиќ што ни ја довери оваа организација. Децата треба да веруваат дека се на вистински пат во она што го работат, дека се амбасадори на спортот - изјави Мицковска.
Претседателот на РФМ, Александар Стефанов потенцираше дека организацијата на Светското училишно првенство претставува голем настан и голема чест за ракометот.
- Ова Светско првенство е голема чест за ракометот и за спортот, но и за училишниот спорт и за младите деца. Ова е голем предизвик, 23 селекции треба да допатуваат во Скопје во машка и женска конкуренција - истакна Стефанов.
Успешно првенство и успех на македонските претставници посака шефицата на македонската делегација, Индира Кастратовиќ.
- Ова е голема чест, но и голема одговорност за што подобро да ја претставиме нашата држава. Скопје ќе биде град на младоста, град на спортот и се надевам дека сите деца ќе си одат со нови пријателства и стекнати нови искуства. Се надевам дека нема да имаме никакви проблеми и дека сè ќе помине во најдобар ред. Посакувам голем успех на македонските репрезентации и се надевам на некој медал - изјави Кастратовиќ.
На првенството ќе учествуваат околу 700 учесници во 23 екипи од целиот свет. Свеченото отворање е закажано за 21 април на „Плоштадот Македонија“ во Скопје.










