Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе донира средства за семејствата на загинатите и повредените во големата трагедија што ја потресе земјата. Ова го најави претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој истакна дека целокупниот приход од влезниците за натпреварот против Велс ќе биде наменет за поддршка на погодените семејства.
„Во овие тешки моменти, најважно е да бидеме заедно. Фудбалот не е само игра, туку и сила што обединува и помага. Се надевам дека оваа наша иницијатива ќе им донесе барем мала поддршка на оние што најмногу им е потребна,“ изјави Омерагиќ.
Оваа одлука доаѓа по убедливата победа на Македонија против Лихтенштајн (3:0) во првиот натпревар од квалификациите за Светското првенство. Претседателот на ФФМ ги пофали фудбалерите за нивниот ангажман и посветеност, како и навивачите кои секогаш стојат зад репрезентацијата.
Натпреварот против Велс се игра во вторник на Националната арена „Тодор Проески“, а од ФФМ очекуваат преполни трибини како знак на поддршка за репрезентацијата и за оние на кои им е најпотребна помош.