УЕФА објави дека финалето во Лигата на шампионите, почнувајќи од наредната сезона, ќе се игра од 18:00 часот, наместо досегашните 21:00 часот. Оваа промена ќе важи за финалето на 30 мај следната година во Будимпешта.
Според УЕФА, поместувањето на натпреварот ќе го подобри искуството за навивачите и играчите, ќе ја оптимизира логистиката и ќе им овозможи на градовите домаќини поголема економска корист. „Нашата цел е денот на финалето да биде пријатно искуство за сите, а истовремено да создадеме безбедна и удобна атмосфера за семејствата и децата. Навивачите ќе имаат полесен пристап до јавниот превоз по натпреварот“, соопшти УЕФА.
Европската куќа на фудбалот истакна дека пораниот почеток ќе овозможи навивачите да продолжат со прославите по натпреварот, а помладите гледачи кои ќе го следат натпреварот на телевизија полесно ќе го дочекаат крајот.