Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со остар и решителен тон реагираше на инцидентите што се случија на натпреварот помеѓу ФК Кожуф и ФК Башкими во рамките на 28. коло од Втората македонска фудбалска лига. Од федерацијата изразија длабока загриженост и огорченост од сцените што се одиграа на теренот, оценувајќи ги како „срамни и неприфатливи“.
„Згрозени сме, но и решителни – овој срам нема да остане неказнет“, порачуваат од ФФМ, нагласувајќи дека нема да дозволат ваквото однесување да стане норма. Федерацијата најави дека очекува целосни извештаи од официјалните лица на натпреварот, по што ќе бидат преземени конкретни мерки против сите што го нарушиле интегритетот на натпреварувањето.
„Нема да има заштитени – секој што со своето однесување го нарушил натпреварувањето ќе биде соочен со одговорност“, велат од ФФМ.
Раководството на федерацијата ја повтори својата цел за „фудбал без дамка“, во кој резултатите ќе се одлучуваат исклучиво на теренот. Најавена е тесна соработка со Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции за да се обезбеди целосно расчистување на случајот.
Со порака дека „време е конечно да расчистиме со ѓубрето што со години го труе македонскиот фудбал“, ФФМ испрати јасен сигнал дека нема да толерира никакви нечесни практики и најави пресметка со сите форми на фудбалска корупција и недисциплина.