Натпреварот меѓу ФК Вардар и ФК Башкими наместо по фудбал, ќе се памети по драмата во самиот финиш. Во центарот на вниманието се најде одлуката на главниот судија Бенјамин Ќерими, кој му покажа директен црвен картон на Реџеп Мурати, по што следуваа жестоки реакции и голема тензија на теренот.
Ситуацијата дополнително се вжешти кога дел од играчите на Башкими бурно реагираа на одлуката, а во еден момент се отвори и дилема дали тимот ќе го продолжи мечот. Од ФФМ посочија дека исклучувањето било поради недолично однесување, односно плукање, но Мурати јавно ги негираше обвинувањата и тврдеше дека целиот настан е погрешно протолкуван.
Во меѓувреме, во јавноста се појави ново видео од спорниот момент, снимено од поинаков агол, кое според многумина дава појасен увид во хаосот што се случувал на теренот. Снимката е објавена од продукцијата „Скок“ на Мијалче Дургутов и веќе предизвика нов бран коментари.
Спорниот финиш повторно ја отвори дебатата за судиските одлуки и однесувањето на фудбалерите во напнати натпревари.

















