Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, по повод Велики Петок, упати порака на длабока тага, стравопочит и духовна преобразба, повикувајќи на покајание, добрина и човечност.

„Најстрашен и најкрвав од сите денови во историјата – ден кога луѓето го распнале Бога, а Бог ги спасил луѓето“, напиша Ѓорѓиевски, потсетувајќи на симболиката на денот кога Исус Христос, преку своето страдање и распнување на Крстот, ја покажа најголемата љубов кон човештвото.

Заедно со бројни верници од Скопје, Ѓорѓиевски ја посети црквата „Св. Петка“, каде што во тишина и молитва се соединиле со значењето на Велики Петок, носејќи во срцата смиреност, благодарност и надеж.

„Тоа е ден кога секој од нас треба да застане пред себе, да се потсети на вистинските вредности и да се насочи кон добрината, сочувството и простувањето“, истакна тој, додавајќи дека Христовата жртва е инспирација за посветеност на љубовта, правдата и човечноста.
Градоначалникот Ѓорѓиевски од срце им посака на граѓаните овој Велики Петок да донесе мир во душите, светлина во мислите и сила во срцата, со вера, надеж и радост да се дочека Воскресението.