ПРВ.мк
Скопје

(ФОТО) НОВОГОДИШНА БАЈКА ВО СКОПЈЕ: Блеснаа елката, Божиќниот маркет и магијата на празниците!

(ФОТО) НОВОГОДИШНА БАЈКА ВО СКОПЈЕ: Блеснаа елката, Божиќниот маркет и магијата на празниците!
Kristal

Скопје ја отвори празничната сезона вечерва, на 15 декември, со свечено осветлување на новогодишната елка на плоштадот „Македонија“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски беше тој што симболично го притисна копчето, по што елката засия со блескавата светлина, создавајќи магична атмосфера во центарот на градот.

Во рамките на програмата, настапи хор составен од ученици од скопските училишта, кои ги изведоа познатите празнични песни, додека балетската претстава ги воодушеви присутните. Скопјани и гости од цела Македонија имаа можност да уживаат и во Божиќниот маркет, кој е отворен како дел од настаните што ќе траат до 31 декември.

„Од срце ви благодарам, драги скопјани, најдраги дечиња, за масовното присуство, за радоста и за прекрасната енергија што вечерва ја споделивме заедно. По години сивило, Скопје повторно блесна, свечено ја осветливме новогодишната елка и официјално го отворивме Божиќниот маркет, со што симболично го означивме почетокот на празничната магија во нашиот главен град“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.

Празничната програма „Скопје – новогодишна зимска бајка“ продолжува секојдневно со музички настапи, диџеј-сетови и уметнички изведби, а викендите се резервирани за најмладите со креативни работилници и анимации. Централниот дел на програмата започнува на 27 декември, со настапи и забави, а Новогодишната ноќ ќе биде одбележана со концерти на македонски изведувачи, вклучувајќи ги Каролина Гочева, Тамара Тодевска и Куку Леле.

Ѓорѓиевски порача дека Скопје чекори напред, создавајќи настани што носат позитивна енергија, заедништво и радост за сите генерации. „Ви благодарам што со вашето присуство ја направивте оваа ноќ навистина посебна. Време е Скопје повторно да живее со светлина, насмевки и празнична топлина“, рече градоначалникот.

За украсувањето на градот, трошокот изнесува помалку од 70.000 евра, а програмата е наменета за сите граѓани без разлика на вера и нација, нагласи Ѓорѓиевски.

FixCredit
Escape