ПРВ.мк
Сцена

(ФОТО) ЕМОЦИИ, ПЕСНИ И ПОРАКА ШТО ДОПРЕ ДО ПУБЛИКАТА! Калиопи откри по која песна сака да ја паметат

(ФОТО) ЕМОЦИИ, ПЕСНИ И ПОРАКА ШТО ДОПРЕ ДО ПУБЛИКАТА! Калиопи откри по која песна сака да ја паметат

Калиопи уште еднаш покажа колку силна врска има со публиката, откако вчера по вторпат ја наполни арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Со концерт исполнет со познати хитови, емоции и специјални гости, пејачката одбележа половина век музичка кариера. Пред две години настапи во истата сала, додека минатата година одржа четири акустични концерти во Скопје.

„По една Арена на 19 октомври во 2024, па четири концерти во Филхармонијата лани, мислев дека е невозможно помеѓу сето тоа да се направат други концерти. Во меѓувреме, имавме концерти и во Битола, во Хераклеја, и во Охрид, во Античкиот театар. Но, благодарение на продукцијата ‘Прагма’, кои беа храбри и ми велеа: ‘Ајде, Калиопи, да работиме’, еве, работиме“, изјави пејачката.

Како што најави на прес-конференцијата, концертот беше замислен како музичко доживување за сите генерации. Вечерта започна со брзите песни што ја кренаа публиката на нозе, додека во средишниот дел преовладуваа баладите. Во тие моменти, посетителите ги вклучуваа светилките на своите телефони, претворајќи ја арената во вистинско ѕвездено небо.

Посебен момент беше изведбата на новата песна „Бебе“, во која на сцената ѝ се придружи детскиот хор „Пиколо“.

Половина век музика и шест децении живот

Музичката приказна на Калиопи започнала во 1976 година, кога како десетгодишно девојче првпат настапила јавно со песната „Мојата учителка“ на фестивалот „Златно славејче“, во Универзалната сала. Песната и денес се смета за еден од најпознатите детски хитови.

„Денес славам 50 години музика и 60 години живот. Кога ме прашуваат каква крема користам, јас им велам: ‘Дојдете на моите концерти, па ќе видите’. Вие сте мојот еликсир на младоста“, рече Калиопи, која на крајот од декември ќе го прослави својот 60. роденден.

На сцената не изостанаа ниту спомените поврзани со нејзиниот долгогодишен соработник, продуцент и поранешен сопруг Ромео Грил. Со доза хумор, пејачката се пошегува дека тој веќе остарел, па дуетот „Остани во мене“, снимен во 1986 година, го изведе заедно со гитаристот од бендот, Танче Гроздановски, и со целата публика.

Калиопи сподели и лична приказна поврзана со семејството. „Дозволете ми малку да го приватизирам концертот. Пред две години брат ми Томче ми замери дека не сум ја испеала неговата песна. Ми рече дека ако сега не ја испеам, нема да ми дојде на концерт“, раскажа таа, најавувајќи ја баладата „Како солза“. Воедно, упати поздрав и до својата сестра Корнелија.

Слаткаристика, Каролина Гочева и уште специјални моменти

Меѓу специјалните гости на концертот беше и Слаткаристика, кој ја започна својата појава на сцената со новата верзија на „Обои ме“, во која и самиот гостува.

Калиопи откри дека раперот уште од тинејџерските денови ја сака оваа песна. Кога настапувала на неговиот концерт во Охрид за Илинден, Слаткар ѝ признал дека „Обои ме“ му е омилена песна уште од времето кога имал 13 или 14 години.

Двајцата потоа го изведоа дуетот „Води ме“, кој го опишаа како песна на надежта, а вечерта продолжи со хитот на Слаткаристика „Да полетам“. Публиката гласно пееше заедно со нив, а Калиопи и раперот ја поздравија и Каролина Гочева, која концертот го следеше од публиката.

Во текот на вечерта, Калиопи изведе и сплет од македонски евергрини. Со песната „Бакни ме“ од Сашка Петковска му оддаде почит на музичарот Дуке Бојаџиев, во чест на неговиот татко, легендарниот композитор Тодор Бојаџиев, кој ја напишал песната.

Ветување исполнето: на сцената се приклучи и младиот Никола

Еден од најсимпатичните моменти беше гостувањето на Никола, основец од Скопје и голем обожавател на Калиопи. По нејзините концерти во Скопје минатата година, тој зад сцената ѝ ја испеал „Македонско девојче“. Пејачката тогаш му ветила дека на следните концерти ќе го покани како гостин и дека песната ќе ја испеат заедно.

Ветувањето беше исполнето токму на оваа концертна вечер, кога Никола ѝ се придружи на сцената и ја испеа познатата македонска песна.

Публиката имаше можност и премиерно да ја види новата песна „Лага“ („Лаж“) од Ромео Грил, прикажана на видеобимот. Нејзината промоција во регионот започнува денеска.

„Волчица“ и „Месечина“ ги донесоа најемотивните моменти

Меѓу песните што оставија силен впечаток беше и „Волчица“ („Вучица“). Пред изведбата, Калиопи ѝ се обрати на публиката со емотивни зборови:

„Убави мои, и кога мене ќе ме нема, сакам да ме паметите по оваа песна“, рече таа. Претходно има изјавено дека токму во „Волчица“ Ромео Грил успеал најдобро да ја опише.

Посебно место во концертот имаше и „Месечина“, песна што Калиопи ја напишала за својот син Пако. Обраќајќи ѝ се на публиката, ја нарече „вашата и моја Месечина“, спојувајќи ја личната приказна со емоциите на присутните.

Со извонредни сценски ефекти, квалитетно озвучување и атмосфера што траеше од почетокот до крајот, концертот помина во знакот на пет децении музика, спомени и поврзаност со публиката.

По три часа настап, Калиопи се врати на сцената за бис и ја заврши вечерта со „Бато“. Песната била создадена во 1988 година, за време на турнејата на Калиопи и Ромео Грил низ тогашниот Советски Сојуз. Инспирирана од Белите ноќи, со текот на времето прераснала во евергрин што се слуша низ целиот регион.

Најнови вести