ПРВ.мк

Коњановски: „Монмартрот е повеќе од настан – тој е движење што ги обединува различностите преку уметноста“

Коњановски: „Монмартрот е повеќе од настан – тој е движење што ги обединува различностите преку уметноста“
Vero

Со свечено отворање во срцето на Старата битолска чаршија, на платото пред Детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, започна 44. Светска детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, еден од најпрепознатливите културни симболи на Битола.

На отворањето присуствуваа дипломатски претставници од Јапонија, Чешка, Турција, Црна Гора и Бугарија, кои заедно со бројните учесници и гости беа поздравени од градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Тој ја истакна важноста на колонијата како мост меѓу културите и генерациите.

„Оваа манифестација не е само фестивал на детското цртање. Таа е вистинска прослава на креативноста, на младешката имагинација, на културниот дијалог и пријателството меѓу народите“, рече Коњановски, додавајќи дека годинава Битола е домаќин на над 150 учесници од 17 земји.

Градоначалникот посебно го нагласи значењето на „Мал Битолски Монмартр“ како платформа која го поттикнува слободното изразување кај младите и ги учи вредностите на толеранција, разбирање и почит.

Оваа година на меѓународниот конкурс „Битола 2025“ пристигнале рекордни 80.000 детски ликовни творби од деца и младинци од 85 земји, што уште еднаш го потврдува светскиот карактер и влијание на колонијата.

Во рамките на програмата, учесниците ќе имаат можност да сликаат инспирирани од староградската архитектура на Битола, како и да ги посетат Охрид и манастирот Св. Јован Бигорски. Колонијата ќе трае до 30 мај.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран