Тетово е пред безбедносна криза – огромен број училишта, градинки, верски објекти и јавни институции не ги исполнуваат основните услови за заштита од пожари! По извршени 24 контроли, Инспекторатот на Општина Тетово откри алармантна состојба: дури 99% од основните и средните училишта немаат соодветна противпожарна опрема.
Од вторник, инспекторите ќе излезат на терен повторно – овој пат за да проверат дали дадените препораки се спроведени. На удар први се училиштата, каде се утврдени фрапантни пропусти. Од Општината најавуваат строги санкции за директорите кои не постапиле по препораките.
„Контролирани се 24 објекти – само неколку исполнуваат минимални услови: училиштата ‘Никола Штејн’ и ‘Беса’, градинката ‘Ринија’, ‘Маариф’ и Универзитетот на Југоисточна Европа. Сите други се во критична состојба. Казните се неизбежни“, изјави портпаролот Албион Алили.
Откритието не застанува тука – верските објекти, џамиите и црквите, како и Универзитетот во Тетово, се целосно небезбедни. Пожарникарите предупредуваат дека мора итно да се реагира за да се спречат трагедии слични на онаа во Кочани.
„На Универзитетот во Тетово, ниту еден апарат за гаснење не функционираше. Слична е ситуацијата и во 19 џамии и 5 цркви. Опремата е со истечен рок, а некаде и целосно отсутна“, предупреди Алили.
Најтежок случај е регистриран во училиштето „Истигбал“, каде учат над илјада ученици, а објектот нема ниту еден хидрант ниту функционирачка противпожарна опрема.
Општинскиот инспекторат ќе биде на терен цела недела, а јавноста бара одговорност и итно делување за да се заштитат учениците и граѓаните од можни катастрофи.