ПРВ.мк
Македонија

ЗАШТИТА ЗА ИДНИТЕ МАЈКИ: Државна комисија бара крај на дискриминацијата на бремените жени на работа!

ЗАШТИТА ЗА ИДНИТЕ МАЈКИ: Државна комисија бара крај на дискриминацијата на бремените жени на работа!

Комисија за спречување и заштита од дискриминација донесе нова општа препорака со која директно се апелира до работодавачите во јавниот и приватниот сектор да ја почитуваат законската заштита на работничките за време на бременост, раѓање и мајчинство.

Во препораката се нагласува дека во пракса сè уште постојат случаи на нееднаков третман на жени кои се бремени или се враќаат од породилно отсуство, што претставува сериозен проблем во работните односи. Затоа, Комисијата бара работодавачите доследно да ги применуваат постојните закони и да се воздржат од какви било практики што можат да доведат до дискриминација или влошување на работниот статус на овие работнички.

Оваа препорака не е случајна, туку е резултат на повеќе постапки во кои Комисијата утврдила случаи на директна интерсекциска дискриминација. Тоа значи дека во одредени ситуации жените биле ставени во понеповолна положба истовремено по основ на пол и род, токму поради бременост или мајчинство. Според законот, ваквиот облик на дискриминација се смета за потежок и посериозен прекршок.

Комисијата дополнително упати препорака и до Собрание на Република Северна Македонија да разгледа можности за унапредување на законската рамка во областа на работните односи. Целта е да се зајакне правната заштита на жените во периодот на бременост и мајчинство, со што би се намалиле злоупотребите и нееднаквиот третман во работната средина.

Согласно законските надлежности, Комисијата има обврска да го следи спроведувањето на ваквите препораки и да реагира во случаи кога се утврдува непочитување. Овој потег се гледа како дел од поширок напор за унапредување на еднаквоста на работното место и заштита на најранливите категории вработени.

Најнови вести