Според предложените законски измени, возилото задолжително ќе се одзема ако возачот управувал со брзина поголема за најмалку 70 километри на час над дозволената во населено место или 90 километри на час надвор од населено место, доколку станува збор за лице кое претходно било осудувано за исто или слично кривично дело.
Задолжително одземање на возилото е предвидено и во случаи кога сторителот управувал возило што е во негова сопственост, а во моментот на прекршокот немал право да управува со моторно возило. Доколку прекршокот е сторен со туѓо возило, истото ќе биде одземено само ако се утврди дека сопственикот знаел или бил должен да знае дека возачот нема важечка дозвола.
Новина во законските решенија е и значително проширената забрана за управување со моторно возило. Судот ќе може да изрече забрана во траење од шест месеци до 10 години, како и престанок на важењето на возачката дозвола од одредена категорија за период од една до 10 години, за време на кој сторителот нема да може повторно да стекне дозвола од истата категорија. Досега, ваквата мерка можеше да трае најмногу пет години.
Измените предвидуваат и затворска казна од три месеци до три години или парична казна за секој што со безобѕирно управување ќе го загрози јавниот сообраќај. Во оваа категорија спаѓаат возење со концентрација на алкохол над 1,5 промили, управување под дејство на дроги или психотропни супстанции, возење во спротивна насока, опасно претекнување, како и сериозно пречекорување на дозволената брзина.
Со иста казна ќе се санкционираат и организаторите и учесниците во нелегални улични трки, како и лицата кои управуваат моторно возило без положен возачки испит или без важечка возачка дозвола.
Во образложението на предлог-законот се наведува дека мерките се воведуваат поради сериозните предизвици со кои државата се соочува во последните години во делот на сообраќајната безбедност. Како пример за вакви решенија се наведуваат и искуствата од Словенија и Австрија, каде слични мерки веќе се применуваат.
Предлагачите нагласуваат дека измените се дел од поширок пакет активности поврзани со проектот „Сејф сити“, чија цел е значително намалување на бројот на тешки сообраќајни несреќи и жртви на патиштата.
















