На социјалните мрежи започна да кружи видео кое ги прикажува вознемирувачките моменти од сериозна сообраќајна несреќа што се случи синоќа, при што целосно изгоре товарно моторно возило на автопатот Штип – Скопје.
Според описот што го споделиле корисници на социјалните мрежи, во моментот на настанот камион бил зафатен од оган на оваа фреквентна сообраќајница. На терен интервенирала Територијалната противпожарна единица од Свети Николе, додека покрај полициските екипи на МВР, присутно било и амбулантно возило од Виница, подготвено за итна медицинска интервенција доколку има потреба.
Од Авто-мото сојузот на Македонија утрово информираа дека поради опожареното тешко моторно возило, сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип бил целосно во прекин. Несреќата се случила на околу четири километри пред патарината „Преод“, што предизвикало застој и отежнато движење на возилата во раните утрински часови.
Во овој момент нема официјални информации за тоа дали во инцидентот има повредени лица, а надлежните служби продолжуваат да ја утврдуваат точната причина за избувнувањето на пожарот.
















