Стружанецот Борче Костески, познат како водител на поткастот „Б2 канал“, се најде во центарот на внимание откако Министерството за внатрешни работи спроведе претрес во неговиот дом. Акцијата била извршена по наредба од обвинител и со одобрение од суд, како дел од истрага поврзана со сериозни сомнежи.
По настанот, Костески јавно се огласи преку видео објавено на социјалните мрежи, каде целосно ги отфрли обвинувањата. Тој тврди дека нема никаква поврзаност со делото што се истражува и дека станува збор за организирана кампања насочена против него и неговата работа.
Во своето обраќање, тој нагласува дека акцијата ја гледа како обид за замолчување на неговиот медиум. Според него, „Б2 канал“ не е поврзан со никакви странски влијанија, туку претставува македонски проект, а содржината што ја создава, вклучително и поткастот „Конечна пресметка“, е насочена кон теми поврзани со иднината на земјата.
Костески дополнително посочува дека во разговор со надлежните институции му било кажано дека наводите за кои се води постапката се однесуваат на период од пред две или три години. Тој го поставува прашањето зошто, доколку постоеле сомнежи, не било реагирано тогаш, туку токму сега, и тврди дека сите обвиненија против него се неосновани.
Во меѓувреме, и официјалниот канал на поткастот информираше дека полицијата влегла и во нивното студио, оценувајќи го настанот како сериозен притисок врз слободата на медиумите и правото на јавно изразување.
Според информациите, претресот е дел од поширока акција што се спроведува на повеќе локации низ државата, вклучително и во Скопје, Струмица и Битола. Во рамки на истрагата, одземени се повеќе електронски уреди кои ќе бидат предмет на дополнително вештачење.
Од Министерството за внатрешни работи и Обвинителството ја потврдија акцијата, наведувајќи дека се постапува по сомнежи за кривично дело поврзано со производство и дистрибуција на недозволена содржина со малолетници, но засега не откриваат повеќе детали, бидејќи истрагата е во тек.
ИЗВОР: Скопје1.мк










