Штипската телевизија „М-нет“ објави видео во кое се гледа како девојка во центарот на Штип, во близина на Здравствениот дом, е придржувана за рацете од момче. Девојката на повисок тон го моли да ја остави, а во повеќе наврати се обидува да се извлече од неговите раце.
Според одговорот од Министерството за внатрешни работи (МВР), официјално нема пријава за овој настан. Неофицијално, кога се случил инцидентот, случајно поминале двајца униформирани полициски службеници од полициската станица Штип и ги прашале лицата дали има проблем. Полицијата наведува дека девојката била во видно алкохолизирана состојба и сакала да врши мала нужда, додека момчето ја придржувало.
Униформите си заминале без да документираат каков било настан. Денеска ќе бидат поведени дисциплински постапки против полицајците бидејќи немаат службена белешка или поднесок за легитимирање на лицата.
МВР додава дека откако ќе бидат идентификувани двете лица од видеото, ќе следуваат соодветни прекршочни пријави според Законот за прекршување на јавниот ред и мир.










