Родител од Велес е осуден на условна казна затвор од три месеци затоа што му овозможил на својот малолетен син да управува електричен тротинет, при што детето и негов другар се повредиле.
Казната е алтернативна, што значи дека осудениот нема да оди во затвор доколку во наредната една година не стори ново кривично дело.
Како што соопшти Основниот суд во Велес, родителот е прогласен за виновен за кривичното дело „предизвикување општа опасност“. Според обвинението, настанот се случил на 1 мај годинава, кога електричниот тротинет бил оставен во дворот на семејната куќа, лесно достапен за користење.
Иако бил свесен дека детето може да го земе и да го користи, обвинетиот не презел мерки да го спречи тоа. Малолетникот подоцна го зел тротинетот, качил уште едно дете и возејќи по стрмните улици во Велес, двајцата претрпеле полесни телесни повреди, пренесува ТВ Стар.
Пресудата доаѓа во период кога институциите и јавноста сѐ почесто предупредуваат на опасностите од неодговорно родителско однесување, особено кога на деца им се овозможува користење опасни превозни средства, оружје или други предмети што можат да предизвикаат сериозни последици.
















