Во судскиот процес против Стојанче Јовановски, обвинет за повеќе тешки кривични дела поврзани со семејно насилство и трагичен исход во кој животот го загубија Ивана Стојаноска и нејзиното малолетно дете, денеска беше изнесено неговото сведочење.
Јовановски пред судот изнесе поинаква верзија од онаа на обвинителството и дел од сведоците, тврдејќи дека тој бил жртва на манипулации и лажни обвинувања. Тој ги негираше дел од наводите за физичко насилство и рече дека конфликтите во бракот започнале по појавата на недоверба и сомнежи за неверство.
Според неговото сведочење, односите со Ивана во почетокот биле нормални, но подоцна се влошиле. Тој изјави дека постоеле пораки и комуникација со трето лице, што дополнително ја зголемило напнатоста меѓу нив. Во својата изјава, тој опиша и инцидент на патување по свадба, тврдејќи дека Ивана, во алкохолизирана состојба, ја напуштила возилото со детето и заминала во непознат правец.
Обвинетиот зборуваше и за други конфликти и тврди дека бил неправедно обвинет, наведувајќи дека трето лице му подметнало дрога и дека бил изложен на провокации и закани.
Во своето сведочење, Јовановски се осврна и на последните часови пред трагедијата, тврдејќи дека се обидувал да дојде до Ивана и детето и дека повикувал помош, додека дел од неговите изјави за клучни настани се во спротивност со доказите и сведочењата изнесени од обвинителството.
Обвинителството, пак, го товари за тешко семејно насилство, нанесување телесни повреди и наведување на самоубиство, при што се повикува на медицинска документација, снимки и изјави на сведоци кои, според нив, покажуваат поинаква слика од онаа што ја изнесе обвинетиот.
Судскиот процес продолжува.










