Генералниот секретар на НАТО, Дарк Руте, од Скопје упати пораки што одекнаа многу подалеку од собраниската сала. Тој јасно нагласи дека Алијансата ќе ја брани „секоја педа“ од својата територија и нема да дозволи создавање безбедносен вакуум во регионот. Но, и покрај глобалните тензии, двапати подвлече дека НАТО не е директно вклучено во конфликтот на Блискиот Исток.
Руте предупреди дека Иран се приближува до напредни нуклеарни и балистички капацитети, што, според него, не претставува закана само за Израел, туку и за Европа. Пораката беше јасна – безбедноста на Алијансата останува приоритет, без оглед на надворешните конфликти.
Во текот на посетата, Руте се сретна со Гордана Сиљановска-Давкова и Христијан Мицкоски, а во Собранието ја пофали земјата за улогата во Источното крило на НАТО и за издвојувањето на 2% од БДП за одбрана, со амбиција таа бројка да достигне 5% до 2035 година.
Посебно внимание привлече неговата поддршка за Радмила Шекеринска, нарекувајќи ја „одличен избор“, откако таа претходно беше јавно критикувана од Александар Вучиќ.
Голем дел од обраќањето беше посветен и на Украина, со јасна осуда на руската агресија и порака дека „безбедноста на Украина е наша безбедност“.
Иако зборовите беа дипломатски, прашањето останува – дали пораката беше насочена кон Иран, Русија, Балканот… или кон сите одеднаш?


















