Заклучно со денешниот ден, собрани се 102.410.247,00 денари. Црвениот крст на РСМ веќе ги исплати средствата на семејствата на сите починати и на повредените лица кои се лекуваат во странство по трагичната несреќа во Кочани.
Во моментот се собираат податоци за повредените лица кои се хоспитализирани во болниците во земјата, во соработка со Службата за општи и заеднички работи на Владата. По добивањето на списокот, исплатата на средствата ќе се изврши, а се очекува тоа да се случи во почетокот на наредната недела. По тоа, ќе започне усогласувањето на критериумите за исплата на останатите средства на настраданите.
Црвениот крст продолжува со пружање психосоцијална поддршка на настраданото население, ангажирајќи повеќе од 100 психолози во соработка со Комората на психолози на Македонија. Во соработка со училиштата се организира секојдневна поддршка за наставниците и учениците, како и за припадниците на противпожарната бригада и Министерството за внатрешни работи. На барање на универзитетите, Црвениот крст организира обуки за прва помош и психолошка прва помош за студентите.
Со нашите партнери, Црвениот крст ќе продолжи да обезбедува поддршка на семејствата на повредените во процесот на нивното враќање во секојдневниот живот преку развивање на различни активности.
Во соработка со Министерството за образование и наука и Комората на психолози на Македонија, Црвениот крст во наредниот период ќе реализира активности за едукација на учениците, наставниците и стручниот кадар во справување со стресни состојби, навремено идентификување и намалување на ранливоста предизвикана од кризни и итни состојби, како и ублажување и отстранување на последиците врз менталното здравје при вакви состојби.