ПРВ.мк
Македонија

Полицијата влезе во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода по пријави за дивоградби

Полицијата влезе во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода по пријави за дивоградби
Escape

Во текот на вчерашниот ден, повеќе оддели на Министерството за внатрешни работи (МВР), меѓу кои организиран криминал, крим полиција и СВР Скопје, влегоа во неколку општини во рамки на Град Скопје — Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода — со цел обезбедување докази за бесправни градби. Акциите се реализираат по конкретни наредби од јавен обвинител, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Министерот потенцираше дека овие активности се дел од тековните постапки на МВР и дека нема да се изнесуваат детали додека не се соберат сите потребни докази. Во случаите каде ќе се утврди дека има дивоградби кои претставуваат ризик за безбедноста на граѓаните, ќе следи уривање на нелегалните објекти.

Тошковски дополнително објасни дека МВР постапува во сите предмети за кои добива наредби од Јавното обвинителство или има свои информации, и дека активностите не се резултат на политички притисоци или актуелни јавни теми, туку дел од континуираната работа.

Тој посочи и дека градоначалничката Данела Арсовска ги доставува доказите до Јавното обвинителство за организиран криминал, кое пак издава наредби до МВР за понатамошно постапување. МВР, нагласи министерот, ја врши својата работа согласно своите надлежности и нема право да поднесува обвиненија, да издава градежни дозволи или да врши комунален инспекторат.

Mia Home Mavrovo