ПРВ.мк
Македонија

Поевтино гориво или нов шок – утре РКЕ ја носи клучната одлука

Поевтино гориво или нов шок – утре РКЕ ја носи клучната одлука

Граѓаните со нетрпение ја очекуваат утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, која треба да ги утврди новите цени на горивата. Според најавите, можно е намалување на цените, што би донело олеснување за возачите по периодот на раст на трошоците.

Премиерот најави дека мерките даваат резултати и очекува дизелот да поевтини за околу 2,5 денари по литар, додека бензините би се намалиле за околу 1,5 денар. Доколку овие пресметки се потврдат, цената на дизелот би се движела околу 95,5 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР 95 би бил околу 82 денари, а 98-ката околу 84 денари.

Дополнително, постои можност цените да паднат уште повеќе, поради попустот што го нуди ОКТА кон трговците, што може да значи дополнително намалување до неколку денари по литар.

Покрај горивата, Владата утре ќе разгледува и анализа за цените на основните прехранбени производи. Досегашните контроли опфатиле стотици продажни места, при што се проверувале цените на храна, хигиенски производи и производи за деца. Целта е да се утврди дали има неоправдано поскапување.

Во игра се и нови мерки, како намалување на ДДВ за основни производи или ограничување на маржите, со цел да се заштити стандардот на граѓаните. Ова доаѓа во време кога инфлацијата повторно бележи раст, а глобалните случувања влијаат врз цените на енергенсите и транспортот.

Одлуката на РКЕ ќе покаже дали најавите за поевтинување ќе станат реалност или граѓаните ќе продолжат да се соочуваат со нестабилни цени на горивата.