Од Скопје до Барселона и Лион – нови летови од 3 мај
Од 3 мај Меѓународниот аеродром Скопје воспоставува нови директни авионски линии до Барселона и Лион, во соработка со авиокомпанијата „Виз Ер“ и со финансиска поддршка од Владата. Ова беше официјално потврдено денеска на заедничка прес-конференција на ТАВ Македонија и „Виз Ер“.
Линијата Скопје – Барселона ќе се одвива двапати неделно, секој вторник и сабота, додека летовите до Лион се закажани трипати неделно – во вторник, четврток и сабота. Првиот лет за Барселона е најавен за сабота, во 18:50 часот, а како дел од промотивната кампања, двајца патници ќе добијат бесплатни авионски билети преку избор на социјалните мрежи.
„По пауза од три години, повторно ја поврзуваме Скопје со Барселона. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија и силна посветеност од страна на Владата и нашиот партнер ‘Виз Ер’“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт. Тој додаде дека очекува оваа рута да биде уште попопуларна отколку што беше во минатото.
Особено значајно е тоа што Лион, град заштитен од УНЕСКО и познат како родно место на кинематографијата, за првпат ќе биде поврзан со Скопје со директна авионска линија. Курт нагласи дека Лион, со својата богата култура и гастрономија, има потенцијал да привлече голем број патници.
Покрај овие нови линии, ТАВ најавува и планови за воспоставување летови до шпанското и италијанското крајбрежје, враќање на рутата кон Ларнака (Кипар), како и отворање нови дестинации кон Прага и Мадрид.
Летот кон Дубаи, кој требаше да започне со „Флајдубаи“ на крајот од март, е одложен за есен. Сепак, според раководството на ТАВ, најавеното олеснување на визниот режим од страна на Владата ќе има позитивно влијание врз интересот за оваа линија и бројот на патници.