Вкупно 165 волонтери беа ангажирани за да им помогнат на семејствата погодени од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во најтешките денови за Македонија. Тие беа на сите страни, сета своја енергија ја вложуваа во помагањето, осигурувајќи се дека на време ќе се стигне, дека ќе им се помогне на оние на кои би им се слошило и дека ќе се донесе сè што е потребно.
Александра Ристовски од Црвениот крст на социјалните мрежи објави статус во кој ја истакна посветеноста и грижата на волонтерите.
“Сѐ се пишуваше, нема втора проверка, нема задршка на размислување, нема прашање да не повредам некого, едноставно сѐ излезе на површина, и тоа што требаше и тоа што не требаше. А не секогаш е време за сѐ. Има време кога се молчи, кога се тагува, кога се тихува, кога треба да се сработи, кога треба да се уважи, кога треба да се радува…
Не се дишеше овие денови во Македонија. Огромен камен нѐ притискаше сите нас. Најтажна пролет за земјата, за семејствата, за мајките, за сестрите, за браќата… за заедницата.
Но, да кажам и да напишам неколку збора за оние 165 кои изминатите денови беа во црвените униформи со знак на Црвен крст. Тие секаде ги гледавме, на извлекување на телата, на идентификација на телата, на носење на облеката на жртвите, на последно збогум во капелата, на погребите, на СОС телефоните, на поделба на водата, на подавање на ќебиња пред болниците, во смирување на семејствата…Тие 165 се и млади и возрасни, и волонтери и професионалци, искусни (каде се добива вакво искуство?) и неискусни, но сепак само луѓе. Дел од нив ги познаваа жртвите и повредените, со некои другарува, со некои растеа, со некои одеа заедно на училиште… верувам дека им било претешко. Некои од нив беа 24 часа на терен. Им ја чувствуваме тежината, притисокот кој го носат, емоциите кои ќе експлодираат… но важно беше да се остане смирен, прибран и достоинствено сѐ да се заврши.
Се завршивте, бевте на ниво на оваа претешка и претажна задача, и ви благодариме во името на сите нас.
Сега е време на тагување по вашите сакани, по вашите другари и другарки. Нека им е лесна земјата на оние кои не се повеќе меѓу нас, а на останатите да се вратат дома, добри и здрави кај своите семејства!” стои во статусот на Александра Ристовски од Црвениот крст.