Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по гласањето изјави дека изборниот процес се одвива мирно и достоинствено и истакна очекување за „уште една голема историска победа“ на неговата партија и коалицијата.
„Според информациите со кои располагам, денот поминува мирно и достоинствено, онака како што се очекува од македонските граѓани. Очекувам денот да заврши така, а со резултатите да прогласиме уште една голема историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, изјави Мицкоски.
Лидерот на партијата додаде дека граѓаните имаат можност да направат јасна разлика врз основа на периодот на кампањата и изрази уверување дека тие ќе одлучат земјата да се движи напред.
„Верувам дека граѓаните ќе изберат напредок и развој, а не враќање во времињата кога Македонија се ограбуваше и се распродаваше. Македонија заслужува подобро, и очекувам граѓаните денеска да го направат токму тој избор“, додаде Мицкоски.