Меѓународните инвеститори покажаа огромен интерес за десеттата еврообврзница на Македонија, издадена во две транши од по 500 милиони евра. Вкупната побарувачка надмина 4 милијарди евра – за четиригодишната обврзница со камата од 3,875% се пријавиле 1,8 милијарди евра, а за осумгодишната со камата од 4,750% – 2,25 милијарди евра.
Министерството за финансии го оцени интересот како импресивен сигнал за довербата во економските политики на Владата. Особено значајно е издавањето на осумгодишната обврзница, нешто што последен пат се случило пред повеќе од две децении.
Вкупно повеќе од 150 инвеститори од целиот свет, вклучувајќи институционални играчи од Германија, САД и Велика Британија, се пријавиле да ја поддржат државата. Побарувачката достигна 2 милијарди евра само еден час по објавувањето на почетните каматни стапки, а по отворањето на американскиот пазар надмина 4 милијарди евра.
Каматните стапки на двете транши се конкурентни во однос на референтната вредност на Еурибор и се најблиски до просечните стапки на еврообврзници во последните дваесет години. Министерството истакнува дека со стратегискиот момент и структурата на издавањето се постигнало значително намалување на приносите, што дополнително ја потврдува довербата на меѓународните инвеститори.
Издавањето има стратешко значење, со оглед на глобалните геополитички и макроекономски неизвесности, и ја потврдува стабилноста на македонската економија.

















