ПРВ.мк
Македонија

Кој доби повисока плата во април?

Кој доби повисока плата во април?

Во текот на април, илјадници работници во државата добија повисоки плати, како резултат на усогласувањето со минималната плата и примената на колективните договори. Најголемо зголемување добија вработените во државната администрација, судовите и правосудните органи, но раст има и во дел од приватниот сектор, особено во компаниите каде што постојат активни синдикати и потпишани колективни договори.

Со околу 60 поединечни колективни договори, опфатени се околу 11.000 вработени во јавниот и државниот сектор, кои покрај законското усогласување со минималната плата, добија и дополнително зголемување од 7 проценти. Овој процент, како што се најавува, нема да биде еднократен – административните службеници ќе добијат по уште 7 проценти зголемување и во 2027 и 2028 година, што значи дека за неколку години нивните плати би можеле значително да пораснат.

Покрај јавниот сектор, зголемување има и кај работниците во приватните компании каде што има колективни договори. Таму растот на платите се движи од 5 до 8 проценти, во зависност од договорените услови. Со тоа, во поголемите компании речиси и да нема работници што примаат минимална плата, додека останува предизвик платите да се зголемат кај занаетчиите и самостојните вршители на дејност.

Минималната плата, пак, беше зголемена за 1.667 денари и сега изнесува 26.046 денари. Со ова зголемување, сите работници кои примале минималец добија повисоки примања, но синдикатите и понатаму бараат значително поголем раст – минимална плата од 600 евра и зголемување од најмалку 100 евра за останатите плати.

Според експертите, реалниот ефект од зголемувањето е поголем отколку што изгледа на прв поглед. Освен директното зголемување од 7 проценти, растот на минималната плата дополнително ја зголемува основицата врз која се пресметуваат платите. Така, оваа година вкупниот раст на основната плата за дел од вработените достигнува и до 14 проценти. Ако овој тренд продолжи, се проценува дека во наредните две години вкупното зголемување може да достигне над 40 проценти.

Сепак, ситуацијата не е иста во сите сектори. Работниците во компании без колективни договори немаат гарантирано зголемување, па таму платите зависат од можностите и одлуките на работодавачите. Дополнително, дел од бизнис-заедницата предупредува дека зголемувањето на платите носи и поголеми трошоци, особено поради високите придонеси за пензиско и здравствено осигурување, кои достигнуваат околу 50 проценти.

Економските аналитичари посочуваат дека минималната плата се наоѓа меѓу две спротивставени реалности – потребата на работниците за повисоки примања и можностите на компаниите да ги поднесат тие трошоци. Особено е чувствителна ситуацијата кај малите и микро-претпријатија, кои сочинуваат најголем дел од економијата и за кои секое дополнително зголемување значи сериозен финансиски товар.

И покрај предизвиците, трендот на раст на платите веќе е видлив. Податоците покажуваат дека сè повеќе работници излегуваат од зоната на минималец, а со постепеното зголемување во наредните години, се очекува дополнително подобрување на животниот стандард. Сепак, клучно ќе биде како ќе се балансираат барањата на работниците со економските можности на компаниите, за растот да биде одржлив на долг рок.