Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, вели дека се размислува за комбинација на повеќе мерки за подигнување на безбедноста во сообраќајот и оти се преземаат активности за да може да се пушти во функција системот „Безбеден град“. Во владина процедура се дел од сетот законски измени што треба да се направат за функцоналост на системот, а од технички аспект за дел се прават проверки за функционалноста.
Прашан кога ќе профункционира системот „Безбеден град“ и дали за тоа се чекаат локалните избори, директорот на Бирото за јавна безбедност рече дека не сака да се впушта во политичка конотација и оти станува збор за поголем проект за кој досега имало само шминка, а сега вистински се постапува, но за примената на потребната технологија во пракса треба да бидат променети најмалку 5 закони.
– На трибините, што беа организирани во изминатиот период, имаше учество од сите чинители и покажуваме дека проблемот е системски и национален, не е веќе проблем само на полицијата или на државата. Потребно е да се создадат сите предуслови за да профункционира системот, не би сакале да ставиме нешто во функциија, па макар како што спомнавте, не сакаме да ставаме во политички контекст некои работи. Поентата е дека сѐ треба да биде сетирано за да може да функционира правилно и индивидуално, за да не се доведеме во ситуација дека можеби не функционира како што треба од кој било аспект. Има акциски план, сетот законски измени веќе се пуштени во владина процедура, дел сѐ уште се размислуваат и се проверува дали може да бидат од функционален аспект, а од техички аспект најголемиот дел е завршен – информира Јанев.
Како што најави претходно министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, до крајот на месецов ќе биде подготвена првата верзија на сите закони кои треба да влезат во владина процедура, а до крајот на следниот месец во собраниска процедура.
Првите казни од „Безбеден град“ ќе почнат од 1 јануари 2026 година, иако, како што најави тој, функционирањето на системот ќе се случи порано.
– Неколку месеци граѓаните првин ќе добиваат пораки со предупредување, а од 1 јануари 2026 година ќе ги овозможиме законските услови тоа да биде онака како што треба – истакна Тошковски.
Со имплементацијата на системот „Безбеден град“, покрај возилата во движење, ќе се казнуваат и тие што се непрописно паркирани.
Вечер.мк