Екипите на Ј.П. „Комуналец“ од Кавадарци интензивно продолжуваат со активностите за уредување и одржување на локалната патна инфраструктура. Изминативе денови фокусот е ставен на патниот правец кон Михајлово, каде што се врши машинско мулчирање и расчистување на бујната вегетација долж патот.
Со отстранувањето на обраснатата вегетација значително се подобрува прегледноста на патот, што директно придонесува за поголема безбедност и полесно одвивање на сообраќајот за сите учесници.
Од јавното претпријатие информираат дека овие теренски активности се дел од нивната редовна програма за одржување на патиштата во општината. Градежната механизација и екипите во наредниот период ќе продолжат да делуваат и на останатите патни правци низ Општина Кавадарци, со цел да се обезбедат побезбедни и подобри услови за сите жители и посетители.







