Една македонска општина повторно привлече внимание со мерка која има за цел да ги задржи младите семејства и да го поттикне раѓањето деца. Општина Могила и оваа година одлучи да издвојува пари од својот буџет како директна финансиска поддршка за новороденчиња, но и за нови бракови.
Градоначалникот Драганчо Саботковски порача дека локалната власт не се откажува од вложувањата во семејството и иднината на општината, нагласувајќи дека ова е дел од долгорочна стратегија за борба против иселувањето и падот на наталитетот.
Според одлуката, семејствата ќе добиваат 10.000 денари за прво дете, 15.000 денари за второ, додека за трето новородено дете финансиската поддршка достигнува 30.000 денари. Дополнително, младите парови кои ќе склучат брак во општината ќе добијат по 20.000 денари како почетна помош.
Од Општината појаснуваат дека мерката не е само парична поддршка, туку обид да се создадат подобри услови за живот и мотив младите да ја градат својата иднина токму во Могила.
Податоците покажуваат дека оваа пелагониска општина се соочува со сериозен демографски пад – бројот на новороденчиња се преполовил во последната деценија, што е проблем со кој се соочуваат и многу други рурални средини во Македонија.

















