Три кривични дела „измама“ и едно дело „измама“ во обид се целосно расчистени во Тетово, а во координирана полициска акција лишена од слобода е 23-годишна девојка од Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според официјалните информации, вчера (07.01.2026) полициски службеници од СВР Тетово, во соработка со СВР Скопје и Единицата за економски криминал при Секторот за општ и насилен криминал на МВР, ја уапсиле А.Ј. (23) од Скопје, која се сомничи дека подолг период извршувала измами преку интернет.
Имено, осомничената на социјални мрежи објавувала лажни огласи за издавање станови под наем во Тетово. Со заинтересираните лица телефонски воспоставувала контакт и ги убедувала да ѝ уплатат пари однапред, или преку трансакциска сметка во банка, или пак да испратат готовина во коверт преку возач на автобус за Скопје.
Освен измамите поврзани со изнајмување станови, таа успеала да измами и едно лице кое извршило уплата за наводна резервација во хотел во Охрид, при што парите биле земени, а услугата никогаш не била обезбедена.
Случајот бил откриен кога трето лице од Тетово, по воспоставен контакт со осомничената за изнајмување стан, се посомневало и случајот го пријавило во СВР Тетово. По пријавата, полицијата во координација со Единицата за економски криминал организирала контролирана акција.
Преку возач на автобус било испратено празно плико, а кога осомничената дошла да го подигне ковертот, полициските службеници ја лишиле од слобода на самото место.
По апсењето, А.Ј. била задржана во полициска станица. Од МВР информираат дека по целосно документирање на сите случаи, против неа ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави согласно законот.
















