Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, најави нова голема акција за пошумување на територијата на целата општина, во рамки на еколошките иницијативи за подобрување на квалитетот на воздухот.

Во основното училиште „Кузман Шапкарев“ денес се одржа акција за засадување на чинари, како дел од проектот „ЕУ за чист воздух“, финансиран од Европската Унија, која ги донираше садниците. Градоначалникот нагласи дека ваквите активности се насочени кон училиштата и градинките, местата каде што растат и се образуваат најмладите.

„Засадувањето на секое дрвце е инвестиција во иднината на нашите деца. Како општина, континуирано работиме на подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина“, изјави Ѓорѓиевски.
Покрај акциите за пошумување, во сите училишта во Кисела Вода се поставени прочистувачи на воздух, а во поголемите паркови надворешни пречистувачи, достапни за сите граѓани.
„Нашата заложба за чиста и здрава животна средина нема да запре овде. Наскоро започнуваме голема акција за засадување на дрвја низ целата општина“, додаде Ѓорѓиевски, изразувајќи благодарност до сите кои учествуваат во еколошките иницијативи.
Општина Кисела Вода продолжува со реализација на проекти за одржлив развој и подобрување на животната средина, со цел создавање подобри услови за сите жители.