По судницата во Битола, кадешто го бранеше својот имењак и претседател на избришаниот клуб на Бугарите во градот на конзулите, некогашниот премиер Љупчо Георгиевски одново застана во одбрана на ликот и делото на Ванчо Михајлов, овојпат во интервју за Бугарското национално радио (БНР).
„Нема брз одговор (дали е фашист – н.з.), бидејќи ситуацијата треба да се објасни. Етикетата дека е фашист ја лепи Бугарската комунистичка партија (БКП) во битките меѓу левицата и десницата. На македонските и на српските комунисти им беше многу лесно да го етикетираат Ванчо Михајлов како фашист. Со демократизацијата во Бугарија, се најде сила да се рехабилитира Ванчо Михајлов, а ние сè уште се бориме кај нас. Откако ја заврши својата политичка кариера во 1934 година, тој беше повеќе писател отколку активен политичар. Да речеме и дека Ванчо Михајлов никогаш не се декларирал како фашист. Историјата не познава таков документ. Тој е македонски револуционер, кој се борел за самостојна и независна и Македонија и е антикомунист“, објасни Георгиевски.
Експретседателот на Владата ја критикува Бугарија за недоволно културни и економски проекти во Македонија.
„Без оглед на проблемите во политичка смисла, сметам дека Бугарија треба да биде поактивна со културни и економски проекти. Поголема активност нема да пречи. Не знам до каде е стигнат Коридорот број 8, но Бугарија може да ги изгради овие километри за да не ѝ дава аргументи на Владата на РСМ дека ништо не се работи на Коридорот 8. Може да има повеќе проекти и во инфраструктурата“, рече Георгиевски во емисијата „Радио Точка“.
Извор: expres.mk