По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Гевгелија, денеска полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Валандово извршија претрес во простории на правен субјект за производство на марихуана во селото Јосифово, општина Валандово. Министерството за внатрешни работи соопшти дека акцијата била спроведена согласно издадена наредба, додека повеќе детали засега не се откриваат.
Претресот следува кратко по одлуката на Владата да одземе шест лиценци за производство на марихуана за медицински цели. Според неофицијални информации, една од одземените лиценци е поврзана со фабрика од која претходно биле одземени околу 40 тони марихуана во рамки на претходна акција.
Контролите биле спроведени од Министерството за здравство, кое добило овластување да утврди дали компаниите ги почитуваат законските прописи за одгледување марихуана и стандардите за квалитет. Според извори од министерството, лиценците се одземени поради различни неправилности, вклучувајќи:
- Недостиг на физичко обезбедување и видеонадзор.
- Несоодветно пакување на производите.
- Непостоење на соодветен стручен кадар.
- Недостава на документација за купопродажба.
Компаниите на кои им се одземени лиценците се: Alphafarm, Green Life, CBD Medplant, Life Plant, Ata Farm и Kanabinoids. Надлежните институции најавија дека подетални информации за одлуката и понатамошните чекори ќе бидат објавени во текот на денот.















