На интернет страната се донира директно на сметките на членови на најблиското семејство на засегнатите лица. Секој може поединечно да избере за кого сака да ја намени својата донација.
Досега близу 11,5 милиони денари се донирани за повредените и семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, преку страната Support Kocani.
На интернет страната се донира директно на сметките на членови на најблиското семејство на засегнатите лица. Секој може поединечно да избере за кого сака да ја намени својата донација.
Собраните средства за секое лице ќе бидат објавени, за да помошта оди таму каде што е најпотребна. Податоците за износот на донации објавени за секоја сметка се базираат само на информациите испратени до нас од донаторите. Не можеме да гарантираме дека прикажаните износи се 100% точни бидејќи немаме целосен увид во сите уплати, велат од Support Kocani.
Дечките од Support Kocani, вчера изјавија дека во изминатите 24 часа, износот на донации бил зголемен за два милиони, а страната има 25.000 нови посети.
Оваа екипа секојдневно се труди да ја подобри страната, за преку директно донирање на сметките на семејствата на загинатите и повредените лица да им се обезбеди дополнителна финансиска помош. Она што како ново го најавуваат е овозможување на донирање преку крипто, за што работат таа опција да биде возможна. Дополнително подготвуваат и видеа со инструкции за овој начин на донирање (како семејствата да креираат крипто паричник и начинот на донирање).