ПРВ.мк
Македонија

Дојранското Езеро повторно е загрозено од еколошка катастрофа

Дојранското Езеро повторно е загрозено од еколошка катастрофа
Escape

Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на Дојранското Езеро веќе околу една година е приближно 80 сантиметри под договорениот минимум. Водата полека се повлекува, па ако претходно нивото достигнуваше до шеталиштето и кејот, сега е повлечена десетина и повеќе метри, што создава проблеми за туристите при капењето и за локалното население при уредувањето на плажите.

Жителите на Доjран, кои езерото го нарекуваат „Ѓољот“, се загрижени и не сакаат да се повтори еколошката катастрофа од крајот на минатиот и почетокот на овој век, кога езерото беше повеќе слично на бара отколку на вистинско езеро.

Проблемот со намалувањето на водата во 2002 година беше решен со пуштањето во употреба на Хидросистемот „Спас за Дојранското Езеро“, преку кој вода се доведуваше од бунарите во Ѓавато и Богданско.

Во последните три години, системот не работеше, но во ноември минатата година беше повторно пуштен во функција од страна на првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина Изет Меџити и пратеникот Миле Цеков. Тогаш почнаа да работат три од десетте пумпи.

Сепак, по еден месец поради дефекти и дотраеност, пумпите престанаа да работат, а во последните десетина дена вода во езерото стигаше само од една пумпа, која исто така запре. Каналот низ кој се слева водата во езерото сега е сув и запуштен, па веќе не дотекува ниту капка вода.

Mia Home Mavrovo