Ако се чепне Законот за јазиците, секако дека ќе дојде до политичка криза, вели Блерим Беџети од ДУИ. Тој смета дека во таква ситуација не би можеле да се одржат локални избори. На државата, според, него и се потребни и предвремени парламентарни избори. Беџети тврди дека нема комуникација со Артан Груби кој, според него, ако се огрешил пред законот треба и да одговара.
Господине Беџети, како ДУИ најавивте дека ќе нема локални избори доколку со нив паралелно не се одржат и парламентарни избори, ако се чепне законот за јазиците итн. Дали ова може да го толкуваме како бојкот, или како најава за политичка криза што ќе спречи воопшто да се одржат локалните избори?
Напротив, ние не сме најавиле никаков бојкот, ние секогаш сме биле и сме спремни за избори, и на последните парламентарни избори, изборниот легитимитет на етничките Албанци, и другите етнички заедници е кај Европскиот фронт. Предвремени парламентарни избори во Собранието како дебата се отвори од сите, почнувајќи од премиерот Мицковски. Но, факт е дека на државата и се потребни предвремени парламентарни избори, за да излезе од ситуацијава во која не е почитуван легитимитетот на втората етничка заедница во државата. Затоа што само така ќе се врати стабилноста, политичката стабилност, но и можноста во економската и сите други сфери во нашата држава да има стабилност и да се работи на прогрес и општо добро на граѓаните. Недозволиво е да се почитува само едниот легитимитет во државата од двете најголеми етнички заедници во државата, и затоа бараме предвремени парламентарни избори.