Еден од сведоците, Мартин Димитров, раскажа дека пожарот започнал околу 2:30 часот поради пиротехнички средства на сцената, и дека неговото движење кон излезот било критично:
„Ја фатив девојка ми и другарка ѝ, но зад нас имаше луѓе кои не беа свесни дека гори. Ако подзадоцневме 12 секунди, немаше да излеземе. Надвор беше хаос, имаше многу луѓе.“
Според него, во дискотеката таа вечер имало 600-700 гости.
Димитров додаде дека единствено покојниот фотограф Александар Ѓорѓиев се обидувал да го гаси огнот со чаша вода, додека противпожарни апарати или хидранти не забележал, освен стрелки за излез над единствената отворена врата.
Малолетници и стампедо
Сведокот Анастасија Илиева потврди дека во „Пулс“ имало малолетници, дека на влезот не им биле барани лични карти, и дека пожарот предизвикал паника и густ чад:
„Изгубив свест помеѓу вратата и тоалетот, а спасена бев преку дупка во ѕидот. Пожарот се прошири на целиот плафон за 30 секунди, создавајќи хаос. Врз мене падна врата и седум луѓе.“
Илиева исто така посочи дека го предала својот мобилен телефон на обработка, каде имала снимка од моментот кога се активирале пиротехничките средства.
Следно рочиште
Судењето за пожарот се наоѓа во фаза на доказна постапка. На претходното рочиште сведочеше Наско Карадаковски, татко на починатиот Александар Карадаковски, кој изнесе детали за работните околности на неговиот син.
Процесот продолжува на 16 април со сослушување нови сведоци по предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.










