Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“, кое ги застапува родителите на трагично загинатите деца во дискотеката „Пулс“, денеска јавно ги демантира шпекулациите дека семејствата побарале откажување или намалување на новогодишните активности во Кочани.
Во последните денови, во градот се појавија информации дека новогодишната прослава и празничното украсување ќе бидат сведени на минимум, наводно по барање на семејствата на жртвите. Од здружението јасно појаснуваат дека таквите тврдења се „целосно неточни“.
„Никогаш не сме побарале, ниту пак сме сугерирале откажување или ограничување на празничните активности. Не сме поставиле никакво барање поврзано со украсувањето на градот“, стои во соопштението.
Родителите истакнуваат дека со разбирање ја поддржуваат секоја иницијатива за достоинствено одбележување на новогодишните и божиќните празници, нагласувајќи дека прославите и украсувањето секогаш биле во надлежност на Општина Кочани.
„Ваквите недоразбирања ненамерно создаваат дополнителна болка во веќе тежок период“, додаваат од здружението, апелирајќи до јавноста да не подлегнува на дезинформации и до институциите и јавните чинители да бидат внимателни при изнесување информации поврзани со трагедијата.
Во заклучокот, родителите повторуваат дека нивниот фокус останува на правда, одговорност и поголема безбедност за сите млади, со цел ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори.

















