Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, денес објави дека од следната година ќе бидат воведени пет нови авиолинии од македонските аеродроми во Скопје и Охрид, кои ќе ги оперира авиокомпанијата „Визер“.
Од скопскиот аеродром, почнувајќи од 6 април, ќе се воведат директни летови кон Неапол и Будимпешта. Од охридскиот аеродром, пак, од 28 јуни ќе стартуваат летови кон Катовице, Вроцлав и Милано (Малпенса).
Како дел од ова проширување, „Визер“ ќе го зголеми бројот на постојано стационирани авиони на скопскиот аеродром од четири на шест. Покрај тоа, постоечките авиони „Ербас 320“ ќе бидат заменети со поголеми и модерни модели „Ербас 321нео“, што ќе доведе до зголемување на капацитетот за превоз на патници за 50 отсто.
Проширувањето ќе отвори и нови работни места – од сегашните 200 вработени во „Визер“ од Македонија, компанијата ќе ангажира дополнителни 100 лица.
Извршниот директор на „Визер“, Јозеф Варади, истакна дека компанијата е пазарен лидер во земјата и континуирано инвестира во нови технологии и можности за вработување, додавајќи дека „Визер“ е ефикасен авиопревозник кој обезбедува современи услуги и значајни придобивки за патниците и локалната економија.