На 19 ноември во судницата во Идризово ќе започне судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. На обвинителна клупа ќе седнат 34 лица и три фирми, а судењето ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска, позната по водењето на случаите „Ласкарци“, „Поткуп“ и „Организатори на 27 април“.
Поради познанства со дел од оштетените, од предметот се изземале судијките Тамара Витларова Смилевска и Илина Смичковска Илиевска, додека како втор член на судечкиот совет ќе постапува судијата Ахмед Идризи.
Родителите на жртвите порачаа дека со особено внимание ќе го следат процесот и изразија надеж дека конечно ќе се открие вистината за трагедијата што „засекогаш го промени нашето општество“. Тие најавија прекин на секојдневните блокади, но ќе продолжат со протестните маршеви секоја сабота.
„Очекуваме фер и транспарентен процес во кој секој што има одговорност, ќе ја понесе. Нашата болка е вечна, но нашата борба е за сите идни генерации – никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија“, порачаа родителите, барајќи јавноста и медиумите внимателно да го следат случајот.
Меѓу обвинетите се наоѓаат газдата на дискотеката „Пулс“ – Дејан Јованов (Деко), неговиот син Михајло и братот Тодор, како и директорот на фирмата „ММММ Кафе“ – Митко Стојанов, на чија компанија била издадена една од лиценците за работа.
На листата на обвинети се и сопственикот на објектот Гроздан Милковски, кој го изнајмил просторот, како и Милка Едровска од фирмата „Венци проект“, која го изготвила проектот, иако знаела дека објектот не ги исполнува условите за дискотека.
Обвинение е поднесено и против двајца поранешни министри за економија – Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, поранешната државна секретарка Размена Чекиќ-Дуровиќ, и пет службеници кои издале лиценци за работа, иако „Пулс“ не ги исполнувал минималните технички услови.
Меѓу обвинетите се и поранешните градоначалници на Кочани – Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов, како и тројца општински инспектори, кои знаеле дека дискотеката работи незаконски.
Во обвинението се вклучени и екс-директорите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) – Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џеват Селами, заедно со инспектор од институцијата, како и четворица службеници од Државниот пазарен инспекторат, кои не изрекле забрана за вршење дејност.
Обвинети се и директорот на агенцијата „Рубикон“ – Јане Јанчевски и четворица вработени, бидејќи нивната агенција ја обезбедувала дискотеката вечерта кога избувна пожарот. Минатиот месец обвинение беше поднесено и против вистинскиот сопственик на „Рубикон“ – Александар Нацев, а по негово одобрување се очекува спојување со главниот предмет.
Сè уште трае истрагата за постапувањето на полициските службеници во текот на трагичниот настан на 16 март, кога пожарот избувна поради употреба на пиротехнички средства.
Покрај рочиштето на 19 ноември, судот веќе закажа уште шест термини за продолжување на постапката, која ќе биде еден од најголемите и најследени судски процеси во поновата македонска историја.