Семејствата на починатите во трагедијата во клубот „Пулс“ од Кочани, обединети во Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“, јавно и официјално испратија допис до државните институции со конкретни и итни барања – финансиска помош, институционална поддршка и снимање на целата судска постапка.
Во дописот упатен до премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, родителите инсистираат на исплата на законската финансиска помош што им следува како семејства на жртви, но и на помош од институциите за полесно справување со последиците од трагедијата.
Меѓу најзначајните точки во нивното барање е и целосно снимање на судската постапка – и видео и аудио, со цел да се обезбеди полн транспарентен увид во судењето, за да не остане никаква дилема околу одговорноста на обвинетите.
Од Здружението истакнуваат дека побарале и посредство од Основното јавно обвинителство – Кочани, со цел да остварат средба со судска медицина во Скопје, што дополнително укажува на незавршени или нецелосно добиени информации околу причините и последиците од трагичниот настан.
Како знак на незадоволство од бавната реакција на институциите и одолговлекувањето на судскиот процес, Здружението го најави и дванаесеттиот „Марш за ангелите“, што ќе се одржи во сабота, на 5 јули, точно во 18:05 часот – истото време кога се случи трагедијата.
Маршот, како и сите претходни, има за цел да ја потсети јавноста и властите дека жртвите не смеат да бидат заборавени, а нивните семејства имаат право на вистина, правда и човечка поддршка.