Советот на јавни обвинители денеска не донесе одлука за избор на вршител на должноста државен јавен обвинител, откако беше одложена итната седница закажана за таа намена. Причина за одложувањето е отсуството на еден од членовите на Советот, за кое, како што информираат од институцијата, било доставено оправдување.
Во официјалното соопштение се наведува дека седницата, закажана за 18 декември 2025 година во 11 часот, по предлог на член на Советот и поради оправдано отсуство, е одложена и ќе се одржи на 22 декември 2025 година, понеделник, со почеток во 11 часот.
Изборот на в.д. државен јавен обвинител требаше да се реализира по итна постапка, по оставката на досегашниот државен обвинител Љупчо Коцевски. Тој пред два дена поднесе неотповиклива оставка во Собранието, токму на денот кога пратениците требаше да го разгледуваат владиниот предлог за негово разрешување.
По оставката, Собранието е должно во најкраток рок да распише оглас за избор на нов државен јавен обвинител. До завршување на таа постапка, функцијата ја извршува вршител на должност, кој се избира од редот на републичките јавни обвинители, а го именува Советот на јавни обвинители.
















