ПРВ.мк
Магазин

Весна Петрушевска повторно во болница - ја чека нов предизвик!

 Весна Петрушевска повторно во болница - ја чека нов предизвик!

Познатата македонска актерка Весна Петрушевска повторно е хоспитализирана и наскоро ќе ја има четвртата операција во период од една година. Таа и овојпат одбра да зборува искрено и без страв за сè што ѝ се случува – преку низа видеа објавени на нејзиниот Инстаграм профил, каде со голема доза на храброст ја споделува личната битка.

Весна открива дека поминува низ тежок период, но останува смирена и борбена, нагласувајќи дека животот понекогаш не учи како да се соочиме со сопствените стравови, сами и достоинствено.

„Во овие година и пол дена, сама си одам во болница, сама се враќам. Си докажувам себеси дека можам и избегнувам непотребни емоции. Животот е тука да нè научи да бидеме храбри, да се бориме и да научиме да бидеме сами – оти сами доаѓаме на овој свет, сами си одиме“, вели Петрушевска.

Таа појасни дека сега влегува во постмастектомска фаза, каде што треба да се изврши проширување на кожата и поставување на протеза, како дел од поширока реконструктивна операција. Целта е враќање на телесната рамнотежа и функција, но и внатрешна психолошка стабилност, бидејќи, како што таа вели – оваа борба не е само физичка.

„Кога сте кастрирани, ја губите и вашата сексуалност“, кажа отворено Весна, укажувајќи на длабокото влијание кое болеста го има врз телото и духот.

Петрушевска се осврна и на алармантната статистика за рак на дојка во Македонија, посочувајќи дека смртноста е дури 99%, во споредба со Словенија каде таа изнесува само 1%. Со тоа испрати и јасна порака:

„Ако го откриете навреме, може да се спасите. Тој не мора да биде смртоносен.“

И покрај стравот од игли и тешките моменти, актерката се одлучи да води „дневник“ од болничките денови, за да даде поддршка на сите жени кои минуваат низ слична битка.

На крајот, Весна испрати топла и охрабрувачка порака до сите што се соочуваат со рак на дојка:

„Не сте сами. Жените се најголеми борци, можат сè. Ова ми е четврта операција за една година, и многу е чудно како сум спокојна. Полека дишам, не оптеретувам никого. Сметам дека ова мора сам да го преживееш.“

Преку видео објавите, Петрушевска ја прикажа и својата болничка соба, повторно покажувајќи дека не се плаши да зборува за она што многумина го премолчуваат – со гласна храброст, без табуа и со искрена надеж дека нејзината приказна ќе инспирира и други.

Escape